Thursday, March 15, 2018

ИМЕТО, ИМЕТО, ИМЕТО…



Двојазичен Извод на родени
од времето на „патриотите“

"Тим у њих се још зачина ‒ што се у пјесан стави одавна ‒ од Лехсандра Србљанина ‒ врх свијех цара цара славна" („Осман“, Иван Гундулиќ)…

 Им робуваме на сопствените заблуди. Како да сме единствените на кои им се нуди промена на името во замена за подобар живот, убедени се повеќето македонски граѓани. Притиснати од секојдневната агресивна пропаганда на медиумите во корист на „ЗА“ или „ПРОТИВ“ промената на името, забораваат на фактот дека за да ни стане подобро ќе треба малку повеќе да се помачиме, повеќе од едноставната, проста, промена на името. За да ни стане подобро треба да се промениме себеси (како единки, секој поединечно), да го смениме нашето однесување, навиките, да ги згаснеме стереотипите, делузиите, да го промениме менталитетот кој нè води кон самоуништување, а тоа некако тешко ни оди.


 Светската историја бележи голем број промени на имиња кај државите, географските области, градовите и местата, дури и кај личните имиња. Касиус Клеј стана Мохамед Али, Кет Стивенс ‒ Јусуф Ислам, Норма Џин Бејкер е всушност Мерлин Монро, Џон Лајдон е Џони Роттен, Савле станал свети Павле, Стојан Вељановски ни е попознат како г-на-квадрат Стефан, но ниту за еден од нив не е познато дали со промена на името станале подобри, или полоши луѓе. Улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ повеќето скопјани сè уште ја знаат како „Иво Лола Рибар“, а „Македонски кралеви“ е попозната како „7-ми Јули“. Персија во 1937-та година стана Иран; Камбоџа во 1970-та се преименува во Кмерска Република, па стана Кампучија, па повторно Камбоџа; од Чехословачка настанаа Чешка и Словачка, Чехословаците станаа Чеси и Словаци, но Чесите упорно се обидуваа таа да стане Чехија. Се предомислија штом си го поставија прашањето: „Дали така ќе ни биде подобро“. Во Југославија, Југословените станаа „вештачка нација“ („непостоечки“), а во Соединетите Американски Држави мешавината од секакви дојденци стана „природна („постоечка“) нација“ која си ја нарекуваме Американци. Бурма стана Мјанмар, Абисинија ‒ Етиопија, Бечуана ‒ Боцвана. Арбанија и Арбанасите (Arbëria, Arbri) станаа Албанија и Албанци, самите својата земја си ја нарекуваат Шќипнија (Shqipnia, Shqipëria), а себеси Шќиптари (Shqiptarë), но не дај боже некој „каур“ така да ги нарече. Њујорк едно време бил познат како Њуамстердам, Австралија ‒ Њу Холанд (Нова Холандија); Северна Замбезија стана Северна Родезија, па Замбија, а Јужната ‒ Зимбабве; Цејлон ‒ Шри Ланка; Конго стана најпрво Заир, па повторно Конго, од кого денес постојат две Конго Републики, едната „Демократската“ ја нарекуваат Киншаса, а онаа „само Република“ ја нарекуваат Бразавил за да ги разликуваат; Дахомеј стана Бенин, а од Горна Волта стана Буркина Фасо… И!? Ништо страшно. Tаму и натаму живеат истите луѓе! Но никој не потврдил дали со новото име им е подобро, или можеби полошо. Дури и Македонија некогаш ја нарекувале Румелија, Тракија, Пајонија, Фригија…

 Со векови наваму, луѓето биле убедени дека Земјата е рамна плоча и штом стигнете до ивицата можете да слизнете во бескраен понор. Векови наназад мислеле дека е центар на вселената околу кој се вртат планетите заедно со сонцето. Биле убедени дека црната мачка во нечија куќа е доказ дека таму битисуваат вештерки, па спалиле на клада стотина илјади жени, и понекој маж. Верувале дека громот удира затоа што направиле нешто погрешно, па некој од боговите ги казнува, а не како последица од електрични празнења. Бидејќи ги налутиле боговите ‒ им било ладно, затоа им било топло, затоа биле поплавите, сушите… Дури и денес постојат луѓе кои тврдат дека Земјата е рамна и дека нејзиниот топчест облик е плод на Фотошоп и измислица на светскиот заговор против човештвото (Миленко, Мирка и ним слични генијалци). Многумина мислат дека хелиоцентричниот систем е на Коперник, иако Аристарх од Самос знаел за него уште во III век пред Христа. Има и такви кои се убедени дека сè уште постојат вештер(к)и, кои им го матат умот и реметат животот, па често е барањето помош од бајач(к)и. Еј, во XXI век, многумина го живеат Средниот век и покрај Фејсбукот, Ајфоните и џиповите! Мноштвото на Балканов уште е убедено во бајката дека Америка (САД) е „земја на слободата, правдата и демократијата, поим за почитување и унапредување на човековите права“. Многумина сè уште слепо веруваат во скаските дека влезот во НАТО ќе ја спаси Македонија од непријателите. Убедени се дека НАТО е тука за да ни помогне, а не заради сопствените геостратешки цели и игри. Голем број веруваат во бајката, дека штом влеземе во ЕУ, Македонија веднаш ќе стане средена држава со сите нишани, земја во која течат мед и млеко, а нејзините жители ‒ сите парајлии, многу помудри, покултурни и далеку поербап од она што се сега.

 Така и со Великиот Александар, заради кој повеќе од две ипол децении си тапкаме во место и се давиме во сопствениот измет. Тој Македонец, а половината од нас негови директни наследници или во блиско крвно сродство со него! Не е проблем што некои си умислиле дека се негови потомци, туку што поголемиот број од нив не знаат ни кој им бил дедото, но се стопроцентно убедени во „вистината“ и со сигурност ќе ви потврдат дека потекнуваат кој од Филип, кој од Аминта, а некои дури и од Клеопатра. Многумина експресно ќе ви ги изрецитираат ДНК резултатите од ИГЕНЕА, заборавајќи дека од Александрос Мегас засега нема никакви траги, но ќе ве убедуваат дека „ете, 75% од Македонците се Александрови чеда“. Сите до еден! Сите станаа потомци на цареви, кралеви и славни војсководци. Сè со плава крв, ама носот не прекинуваат да си го секнат на улица, што очигледно било македонски обичај и во антиката. Вистинско чудо е како човекот за кој тврдат дека не бил Грк, зад себе оставал единствено написи на грчки јазик, испишани со грчкиот алфабет, демек коине бил многу поразличен од демотики (нешто како скопскиот од струмичкиот), и ширел хеленистичка (елинска) култура низ светот градејќи во јонски, дорски и коринтски стил! Прв и единствен случај во светската историја победникот да ги шири писмото и културата на поразените! Вакво нешто можат само "чистите" Македонци, или само Србите "народ најстарији" (секако, ама само после Македонците од земјата Ма, по кои на светов дошле и амебите)! Очигледно, полесно ни е и поубаво е да си живееме во заблуда отколку да ја дознаеме поразителната вистина. Сè започна пред распадот на Југославија, кога во учебниците беше впишана небулозата дека „1913. Македонија е поделена на три дела“, не наведувајќи при тоа дека држава под тоа име никогаш не постоела, туку единствено област која некогаш се нарекувала Румелија, ниту пак тоа дека на истата територија живееле и Грци, Срби, Бугари, Турци, Ерменци, Албанци… Од каде тогаш приказната за „етничката територија на Македонија“ и дека таа „им припаѓа само на Македонците“!?

 Самата етимологија на имињата говори за тоа кој е кој: Αλέξανδρος е со значење од грчкиот „бранител на луѓето“, или по нашки Бранислав, а Φίλιππος е „љубител (пријател) на коњи“. Според етимологијата зборот Македонија потекнува од грчката придавка μακεδος (македос) која значи „висок“, „тенок“, или од зборот μηκεδανος ‒ „долг“ (*превземено од „Публикации Аварим“). Некои тврдат дека потекнува од зборот κυδώνι што значи дуња. За жал сите овие имиња немаат никакво значење во словенските јазици, а како словенски имиња се влезени преку покрстувањето на Словените од VII век наваму. Оттаму и оние „македонски православни имиња“: Марија, Ѓорѓи, Петар, Никола, Елена, Офелија, Тимотеј, Евгенија, Евдокија и сл. Оттука потполно јасно e чии биле Александ(а)р-ос и Филип-ос.

 Кога пишуваме нешто од историјата, „случајно“ забораваме на Дариј I Велики (VI век п.н.е) и на неговото Персиско Ахеменидско царство, под кое биле 75% од денешна Македонија (тогашните Македонци доброволно се приклучиле кон ова царство), па почнуваме од Александар. Потоа ги прескокнуваме V, VI, VIII и IX век, па скокнуваме на Самоил (שמואל) како Македонец, иако бил во служба на Бугарското Царство, ретко ги спомнуваме неговите браќа Aaron (אַהרן) David (דּוּד) Mojsej (מּשׁה). Повторно, ги прескокнуваме Вукан, Урош I, Стефан Немања, Стефан Милутин… Марко Краљевиќ и Вукашин (Мрњавчевиќи) станаа Крали Марко (Марко Крале-Крал Марко) и Волкашин, го прескокнуваме Душан Силни (како чума), па влегуваме во петвековното Османлиско (Турско) Царство. Ги заборавивме српските четници возвишувајќи ги бугарските комити, припишувајќи им го дури и она што и самите не го ни помислувале ‒ државноста на Македонија и слободата од Турското ропство (*види исказите на Д. Груев и Татарчев во „Историја на македонскиот народ“, книга втора, стр. 161, Скопје, 1969 година). Ги прескокнуваме Петар Ослободителот и Александар Обединителот (Караѓорѓевиќи) чија војска нè ослободи од петвековното ропство (Зебрњак, 1912); 1918 година воопшто не постои ‒ ги прогласивме за окупатори потенцирајќи дека сме се викале Вардарска Бановина, заборавајќи при тоа дека постоеле и Дравска, Дринска, Дунавска и уште пет други бановини; ги прескокнавме АВНОЈ и Југословенските партизани (особено Црнотравскиот и Јужноморавскиот одред) тврдејќи дека сами сме се ослободиле, заборавајќи дека државноста е прогласена во Авнојска Југославија, а не е од Асномска Македонија, скокаме во СРМ и СФРЈ прогласувајќи ги за „зандани на народите“ и влегуваме во „самостојна“ Македонија „најголемото остварување на нашата нација“ во која им подигнавме споменик на „жртвите од комунизмот“, а „бугарскиот фашистички окупатор“ стана само „фашистички окупатор“ (демек, тоа не биле Бугарите на Цар Борис и оние од ВМРО туку некоиси фашисти, во стилот: „този дупка, не е дупка“)… Нè убедуваа дека лошо било да бидеме во федерација со братски народи за да не нè искористувале, а нè туркаат во ЕУ и НАТО каде со сигурност ќе живуркаме како робови. Сè на сè, заблудите се нашиот најголем вознесувачки делириум. Со нив станавме Велика нација, основачи на Светов.

 Проблемот на името кое денес со право го проблематизираат Грците беше инициран од нараснатиот македонски национализам во периодот на планското уривање на Југославија во почетокот од 90-тите години на минатиот век и зголемениот број изјави во стилот дека ВМРО ќе држи конгрес во Солун „кој отсекогаш бил наш“, дека „делот на Македонија“ кој се наоѓа во Грција е „окупиран од Грците“, дека во 1913 е делена некаква Македонија. Државата никогаш претходно наназад низ историјата не постоела, како е тогаш можно да била (по)делена на три, па според некои дури и на четири делови? Како можете да поделите нешто што не постои?! Она што македонската сомнителна историографија намерно го изоставува е фактот дека всушност говори за делба на умислени, илузорни „етнички македонски територии“, а секое подведување според нечии „чисти“ етнички територии носи нови војни, не само на Балканот.

 Мораме да си признаеме ‒ грчкото инсистирање за промена на името е реакција и последица од ваквото наше однесување, посебно од однесувањето на националистите распрскани низ сите македонски политички партии, па дури и во оние наводно лево ориентираните. Со децении обичните Грци признаваат Славомакедонци (Σλαβομακεδόνες) и постоење на славофонско население на својата територија, бидејќи не е мал ниту бројот на оние кои се кажуваат како Бугари во „Беломорска“ Македонија, или како кај нас ‒ Македонци, ама од Б'лгарски произход. Поимите Славомакедонија и Славомакедонец се единствените изрази кои не задираат во македонскиот национален идентитет, ниту се навредливи за Македонците, ама „патриотите“, глеј чудо, се противат и го бранат со тезата дека тоа ќе им пречело на Албанците!

 Наеднаш се преполни со разбирање и со сочувство кон Албанците, да не им се нарушел нивниот духовен мир, а од друга страна „се противат“ на воведувањето на албанскиот јазик како втор официјален јазик! Па добро луѓе, зарем досега на Албанците не им пречеше името Македонија во кое тие не се презентирани?! Која е разликата меѓу „Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците Ромите… и другите народности кои живеат во Република Македонија“ (Устав на РМ, 17 ноември 1991) со „Славомакедонија е конституирана како национална држава на славомакедонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на славомакедонскиот народ со Албанците, Турците Ромите… и другите народности кои живеат во Република Славомакедонија“?! Ни се менува идентитетот!? Та, на кој јазик зборуваме ако не на јазик кој припаѓа на групата (јужно) словенски јазици? Да не зборуваме на антикомакедонски или коине можеби!? Што сме, ако не Словени? А, што се оние јонски, коринтски, дорски столбови и каријатидите кои ни ги испозалепија како наши најголемите „патриоти“ за да сме си ја воскренале гордоста, бесрамно трошејќи милијарди евра, подривајќи ја финансиската моќ на татковината чиј браник биле само тие и никој друг“? Што се, ако не: бесмислено ревидирање на историјата, без докази и инстант промена на националниот идентитет! Та, зарем ви е помило да ве нарекуваат Горномакедонци, Северомакедонци, Вардарци, Вардаромакедонци, или Македонцивозаградаскопје!? А кое ни е сегашното име на државава кое се употребува во ООН? Кое име „не го даваме“? Проверете меѓу јазиците поставени во вашиот компјутер, таму ќе го најдете одговорот!

 Се сеќава ли некој на „македонското национално знаме“ пред 1990 година? Некој! Било кој! Никој? Па, како може да стане „вековен“ и „национален македонски“ симболот кој е откриен во Вергина дури во 1977-та?! А тие, „најголемите Македонци“, секојдневно протестираат под тоа „Сонце од Вергина“! Зачестените изјави дека Александрос Мегас бил Македонец по националност, дека говорел на нам разбирлив јазик, дека поголемиот дел од денешниве Македонци се негови „директни потомци“ и слични небулозни изјави изречени или од длабоко незнаење и чист абдеритизам, или под влијание на одредени странски служби на кои им беше во интерес Македонија да си остане „чардак ни на небо ни на земја“, само ги зголемија тензиите и отпорот во Грција.

 И воопшто не е до името! Наместо милијардата што ја фрлија на безвредни глупости наменети за „воздигнување на националната гордост“ да ја потрошеа на опремување и (воз)обновување на болници, училишта, факултети, на градење нови патишта, на обновување на пругите, поставување канализации, одводи и нови водоводи, за средување и разубавување на градовите и селата, за асфалтирање на патишта до нив и на улиците во нив… Наместо што цела деценија напикуваа партиски кадри и семејно поврзани црева во државните институции кои сега се некадри да удрат еден обичен печат, а не пак, исправно да пополнат обичен документ… Наместо што по болниците, училиштата и факултетите ги вградуваа истиве партиски некадри, да поставеа во нив експерти кои се разбираат во она што го работат… Да изградеа држава и општество со сите нишани, во корист на граѓаните, наместо на политичките и бизнис „елитите“, со судови, обвинителства и полиција на кои правдата им е света цел, со криминал и корупција на нула, општество и држава кои константно ќе прогресираат… Па оние од ЕУ да нè молат на коленици да станеме нивна членка, или членка на НАТО, бидејќи таква држава секој би посакал во своето друштво… Тие ни изградија кули од стиропор и рингишпили ‒ радост за простите маси и за будалите.

 Никој немаше ни да нè праша за името, Македонија да беше Држава!


No comments:

Post a Comment