Friday, March 16, 2012

КАРАКТЕРОТ НА ЅВЕРОТ

Стамболиски — крвавата неизбришива дамка


Александар Стамболиски е човекот кој прв ја согледал опасноста од сатрапот кој го создала бугарската држава. ВМРО дотогаш имало извршено бројни колежи во кои страдале бројни невини цивили. Ѕверствата и теророт извршени од оваа крвава терористичка организација во дваесетите години од минатиот век станале толку силни што на луѓето во Македонија и Бугарија им било страв да се движат низ улиците. Македонија, ми велеше еден постар граѓанин, наликуваше на место во кое царуваат анархијата и теророт.
Секојдневно се бележени убиства на членови на организацијата во годишниците кои ги издавала бугарската држава. Двете крила, централистите и врховистите, се натпреварувале во својот крвав пир. Се уништувале едни со други, но и меѓусебно во самите фракции, предизвикувајќи мноштво цивилни жртви, не бирајќи дали при тоа ќе загинат и недолжни жени, деца, немоќни, или старци.

Суровоста на организацијата можеби е најубаво опишана во кажувањата за убиството на Стамболиски, премиерот на Бугарија од 1919 до 1923 година.

Причината за неговото убиство е занимлива. Во периодот на Првата светска војна активно се борел против учеството на Бугарија на страната на Германија. Во 1919 го потпишува Нејскиот договор со кој Бугарија се откажува од Македонија во корист на Кралството на СХС, ја губи јужна Тракија во корист на Грција и ја отстапува Добруџа на Романија. Во овој период, Стамболиски активно учествува во помирувањето со Југославија и во идејата на создавање Балканска Федерација. Токму ваквата определба им ги боде очите на македонските Бугари кои веднаш го обвинуваат за национално предавство. Во 1922 година, неговата земјоделска партија и БКП со огромно мнозинство го осудуваат однесувањето на бугарските политичари во периодот на војните од 1913 и 1918. Подоцна, при самиот Деветојунски преврат, Бугарската комунистичка партија му го врти грбот и завзема неутрален став кој подоцна ќе стане погубен за неа.

Нишката спогодба (23 март, 1923), ја прелева чашата со гнев. Потпишана е од Стамболиски и од кралот Александар Караѓорѓевиќ и во неа Бугарија се обврзува да ги спречи активностите на ВМРО усмерени против Кралството СХС и му го признава суверенитетот на Кралството на СХС врз „територијата на Стара Србија“. Договорот предвидувал и заеднички српско-бугарски патроли со цел да се спречи упаѓањето на ВМРОвските вооружени чети со можност српската војска слободно да влегува на територијата на Бугарија и да ги гони вмровските банди до истребување. Набргу го забранува и делувањето на ВМРО. Тоа предизвикува огорченост кај националистите. На 9 јуни во Бугарија е извршен воен преврат, воден од генералите Лазаров и Д. Велчев и за премиер бил поставен А. Цанков, а на ВМРО ѝ се дозволува слободно делување. Подоцна, дури во 1934, царот Борис III ќе се освести дека Стамболиски бил во право и повторно ја става ВМРО вон законот, обележувајќи ја како терористичка и опасна по животот на граѓаните на Бугарија.

По наредба на Цанков и воениот министер В’лков, Стамболиски е одреден за ликвидација од „неодговорни лица“. Многу историчари веруваат дека и царот знаел за таа одлука. Ликвидацијата е извршена на неговиот имот во неговото родно село Славовица. Извршителот-егзекутор е скопскиот вмровски војвода Величко Велјанов - Чичето. Стамболиски е грабнат со помош на неговите триесетина комити, а потоа ѕверски измачуван заедно со неговиот роден брат сè до смртта. Бил со часови навредуван, пцуен и омаловажуван, измачуван, па дури потоа сечен на парчиња. Приказната е сурова и предизвикува гадење и мачнина. Таа претставува опис за карактерот на делувањето на ВМРО. Откако завршиле навредите, тепан е до бесознание. Бил принудуван да ги носи своите џелати на грб, јаван, а при тоа бил боден со ножеви и камшикуван. Во исто време е уловен и неговиот брат Васил Стамболиски. Двајцата браќа биле принудени да ги гледаат своите измачувања. Потоа настапуваат ужасите. Најпрвин му била отсечена раката со која го потпишал Нишкиот договор. Потоа, еден од инквизиторите започнува да му ги сече ушите на Александар, друг му сечел делови од нозете, а трет му забивал кама во градите. Бодењето било долготрајно и  намерно бил боден на места каде нема веднаш да почине. Имал повеќе од 97 убоди со нож. Садизмот го достигнал својот врв кога бил принудуван да ги јаде отсечените делови од своето тело и да ја пие сопствената крв. Сведоштвото вели дека при тоа брат му бил принудуван да ги држи овие негови делови со своите раце, а потоа умира во страшна агонија. Александар, пак, бил принуден да го испише моментот на својата смрт (часот, денот и годината) со сопствената крв на ѕидот од просторијата во која бил измачуван и дури потоа бил убиен (на 14 јуни 1923). Телото му било исечено на 75 парчиња. Врв на садистичко изживување со жртвите. Каква суровост! Само заради поинаква политичка идеја. Не помалку присутна и веќе видена при бројните ѕверски убиства на бугарските фашисти во Втората светска војна извршени врз илјадниците Македонци. Се сеќавате на повиците на мнозинството вмровци за справување со „предавниците“, објавени во медиумите?

Велат дека некој садист дедо Коле, му ја исекол главата со особена садистичка страст. Постојат верзии кои раскажуваат дека главата била шпиртосана и предадена на нарачателот на убиството во Софија, но и таква дека таа е однесена надвор од Бугарија и запалена, па потоа нејзината пепел закопана на непознато место. Постојат неколку приказни за тоа каде се наоѓаат неговите посмртни останки, но без докази. Една приказна говори дека телото е најдено неколку децении подоцна и идентификувано.

Спомен-музејот изгорел во 2001 година, а истрагата не се произнела дали пожарот е подметнат, или случаен. Неговиот личен архив во Славовица и во Сојузниот дом е разграбен и спален… Очигледно тој сè уште ги разгорува политичките страсти во Бугарија.


*поврзани статии:
РАЃАЊЕТО НА ЗЛОТО I
РАЃАЊЕТО НА ЗЛОТО II
РАЃАЊЕТО НА ЗЛОТО III (ЅВЕРОТ)

No comments:

Post a Comment