Friday, January 12, 2018

ЖИВОТ НА ШКРГИ, ВО КОНТЕЈНЕР (2)



Скопје за празник, за викенд
и за делник
 Секако не сакам да звучам како вмровец, но очигледно имаме нова власт со стари мерки за заштита од загадувањето и приближно идентично однесување. Единствена новост е периодот за активирање на овие „итни“ мерки, а најлошо од сè е што се донесени во соработка и во согласност со неколку „граѓански“ и „невладини“, „еколошки“ и какви-сè-уште-не асоцијации и организации, што само докажува дека се работи за тешки шалабајзери, а не за вистински еколози.

 Дека мерките се шарлатански и површни, докажува фактот што овие мерки се планирани да се применат само во итни случаи кога загадувањето ја надминува дозволената граница, а всушност голем дел од нив треба да се применуваат секојдневно за да дишеме со полни плуќа, а не на шкрги. 

 Да се потсетиме: „поштедени од работните обврски ќе бидат само бремените жени, оние над 60 години, болните од хронична астма, оние што преживеале срцев или мождан удар“. Што е со здравата популација? Што е со децата и со оние здрави работоспособни лица под 60 години?! Знаеме за штетноста од ваквото загадување и дека истото има фатални последици по здравјето на населението, но смртноста е појава и кај здравата популација, не само кај болните од астма и инфаркт! Треба ли и здравото население да ни оболи за да станеме свесни колку се нездрави донесените мерки!? Ќе чекаме ли здравите да станат болни за да се освестиме дека меркиве се една голема заблуда? Верувам, секоја нормална држава при ваква состојба на подолготрајна енормна загаденост би прогласила елементарна непогода. При такви вонредни состојби се знае и како се постапува.

 Прифаќам дека поштедата од работа на одредени лица треба да е времена мерка, но никако не можам да прифатам дека времена мерка треба да е и намалувањето на цената на билетот и зголемувањето на фреквенцијата на автобусите на ЈСП. Ова треба да е трајна мерка во услови на децениска загаденост! Подобрувањето на јавниот превоз, зголемувањето на бројот на автобусите во ударните термини кога луѓето одат на работа и децата на училиште би требало да е приоритет на новиот скопски градоначалник. Патем, во периодот од 6:00 часот наутро до 10:00, како и од 15:00 до 18:00 часот, треба да се забрани бесплатното возење за пензионерите и токму тогаш ЈСП треба да ги пушти сите автобуси во употреба. Пензионерите со пензии над просечната плата имаат доволно пари за да си купат билет. Та, нели Уставот на РМ гарантира еднаквост и рамноправност на граѓаните? Зошто би биле попривилегирани од останатите!? Ниту збор не чув за приватните автобуси вклучени во јавниот превоз во Скопје, а токму тие во најголем дел се и едни од наголемите загадувачи на скопскиот воздух. Поголемиот дел од нив се валкани (рака на срце, и оние на ЈСП не се многу почисти иако се двоспратни и „личат на НЛО“), нивните издувни гасови влегуваат во внатрешноста на возилото, немаат ниту парно за да ги згрее патниците во зима, ниту клима за да ги разлади во жешките летни денови, а цената е иста како и кај оние на ЈСП, поголема дури и од европските метрополи каде истиот билет може да го користите и за трамвај и за метро.

 Впрочем, голема заблуда е да мислиме дека заради бесплатниот превоз луѓето помалку ќе ги возат моторните возила, но и тоа дека со тоа ќе се намали гужвата во сообраќајот низ градов. Со толку слабо организиран автобуски превоз каков што нема нигде во Европа, се чекаат најчесто и преку 20-тина минути и валкани се до бесвест (додатно проретчени заради училишниот распуст), се губи желбата за превоз со нив, па имаме состојба новите патници во нив да се само оние кои до сега не можеа да се возат беспари — невработените и сиромашните, плус пензионерите кои и до сега си се возеа беспари, а оние кои си се возеа со автомобили и натаму не излегуваат од нив дури и за пократки релации.

 Секојдневното чистење на улиците и пешачките зони е нормална појава во напреднатите цивилизации. Тоа беше нормална појава во градов сè до '90-тите години од минатиот век. Градежните компании имаат обврска и според постоечките и општоважечките сообраќајни правила да ги мијат гумите на камионите и возилата при излегување од градилиште. Секаде на Запад би добиле висока прекршочна казна за непочитување на ваквата одредба. Контролните лабораториски мерења на емисиите на супстанции загадувачи во околниот воздух со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови во дозволата по однос на емисиите на штетни материи во воздух треба да се вршат барем еднаш неделно и тоа како правило, а не како „итна мерка против загадувањето“.

 Градежните фирми на градилиштата си работат, особено оние кои работат на Скопје „2014“, или на останати државни проекти. И покрај забраната за градежни активности, работеа и на булеварот Кочо Рацин. Ниту поставуваат сообраќајни знаци, ниту креваат црвени знаменца за возилата, ниту има друга сигнализација. Освен таблата „Град Скопје — ЈП Улица и патишта“, поставена на тротоарот, а не на улицата каде што би требало да ѝ е местото, нема никакво друго обавестување. Пешаците, нормално, оставени „на жими мајка“ да газат по коловозот, или по песокот и калта, по желба.

 Ако побарате брза помош во време кога воздухот е чист и загаденоста е минимална, а вонредните владини мерки не се на сила, ќе добиете одговор дека немаат доволно екипи, бидејќи сите се на терен. Па како тогаш ќе обезбедат нивна зголемена активност при обимен пораст на итни случаи заради загаденоста? Насила?! Не треба ли да имаат доволно екипи и кога не е толку загадено?! Загадено-незагадено, не дај боже да ви се слоши!

 Тешките товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје треба континуирано да се движат преку обиколницата, дури и кога нема зголемена загаденост. Службените возила на сите органи на државната власт и на локалната самоуправа, на јавните претпријатија и на акционерските друштва во државна сопственост требаше да имаат ограничена употреба и досега, најмалку да се користат во приватни цели, а никако само во услови на зголемена загаденост. Што ќе им фали на градоначалниците да поодат малку пеш? Ем, е здраво (што би рекла Тијана Дапчевиќ), ем ќе ги видат сите дупки по тротоарите, нечистотиите, преполните канти и контејнери, шипките што штрчат низ тротоарите од тргнатите билборди и одамна исечените знаци и препреки. Ако секојдневно користат јавен превоз ќе видат до кој степен им е добар јавниот превоз, колку добро функционира, колку е чист и редовен, а и како и колку може да придонесе за почистиот воздух.

 Има уште многу мерки кои би требало да се воведат за во градов конечно да добиеме чист воздух. Загаденоста на Вардар, отпадот по улиците, тротоарите и зеленилото низ градов, на Водно и на околните места, буката на кафеаните во близина на живеалишта, никој не ги споменува! Но, во секоја несреќа има и понекоја среќа ― замислете само што ќе беше лоповиве да не ги уништеа и опљачкаа големите индустриски капацитети од „мрачното“ време на социјализмот и тие уште да работеа со полн капацитет! Секоја чест на лоповите, нè спасија од енормни загадувања! Во меѓувреме, дишете на шкрги и живејте си лежерно во Контејнеров!

ПРВИОТ ДЕЛ...

 *Предупредување: пишував под влијание на загаденост под 50 μg/m ПМ 10 честици, така што воздухот немаше никакво влијание врз текстов!


No comments:

Post a Comment