Thursday, December 1, 2011

МЕЃУ СОНОТ И ЈАВЕТО



Воопшто не сум запознаен со хендикепот на детето на Ребека, но сметам дека децата со хендикеп не смеат да се пуштаат во градинка, ниту во училиште, без да има обезбедено во таквите установи стручно лице кое би работело со децата со посебни потреби, а одделно и со оние кои немаат хендикеп за да им се објаснат и посочат на децата разликите меѓу нив. Едноставно, тие деца не се (и не можат да бидат) исти со оние кои се без хендикеп, а дечињата на таа возраст се неспособни самите да ги сфатат разликите (психичките, или физичките, сеедно) и често знаат да бидат екстремно сурови, заради завист и љубомора кон подобрите од нив деца, но особено кон оние кои се далеку послаби и потешко ги осознаваат работите ― кон сите кои се поразлични од нив. Секако, тоа не е ништо поразлично од однесувањето на возрасните, но децата го прават тоа искрено и често без никакво размислување, инстиктивно.


Патем, вработените во државните градинки се претежно „хонорарци“ (поточно невработени) кои својата плата ја примаат ретко и ненавремено. Голем дел од нив немаат ниту соодветно образование да работат со вообичаените деца, а не, пак, со оние со посебни потреби. Децата во градинка ми ги чуваше дипломиран ликовен уметник, а на соседот, дипломиран правник и тие сосема солидно си ја вршеа својата работа. Воопшто не се виновни што станале воспитувачи во градинка бидејќи, во ваква каша држава, често се случува на нивно место да седи некој кој има далеку пониско образование од нивното.

Што се однесува до детето на Ребека, тоа одело во приватна градинка, која повеќето родители ја сметаат за елитна, но реалноста ни потврдува дека се работи исклучиво за гол престиж. Можност, да се истакне пред другите дека нивното дете го дале во „приватна градинка“. Всушност, тоа нема да стане ништо поумно, ниту подобро, од другите кои посетуваат државни градинки и јасли, но за малограѓаните во земјава, тоа е значаен чинител за аугментација на нивниот општествен статус. Впрочем, зарем немаше место за нејзиното дете меѓу децата во државните градинки, или можеби тоа е место резервирано исклучиво за „обичните“ дечиња од подолен вид/класа/сој?! Повеќе од сигурно е дека се работи чист снобизам и желба за престиж, страв, да не се биде подолу од околината. Патем, во градинката немало обезбедено ниту дефектолог, кој мора да е задолжителен кога во неа престојуваат ваквите деца, а треба да има вработено дури и психолог и педагог, кои би помогнале во работата со ваквите деца. Но, зарем таа ниту во еден момент не се почувствува изиграна и прелажана од нејзината пријателка, директор на градинката? Изгледа, воопшто не, па целата вина ја префрла исклучиво на родителите кои ја уцениле директорката. Детето од градинката го избркале родителите на другите деца, собирајќи потписи, со право загрижени за здравјето на нивните деца.

Причината за бркањето на малиот е „само“ гризнувањето за прст на другарчето. Тоа го потврдуваат и двете страни. Многумина тврдат дека загрозувањето на здравјето на друго дете е нормално однесување и дека тоа е вообичаен начин на изразување на децата од таа возраст. Замислете!? Какво слепило! Детето гризнало друго дете за прст, а потоа се осмелило и успеало да гризне и родител (така барем тврдат другите), и сето тоа било нормално за деца на нивна возраст!? Ма, ситница! Сето тоа било „природен начин на комуникација“, велат многумина. Зарем?! Можеби е нормално и јас да ве гризнам за поздрав? Да, децата на таа возраст се склони да ги решаваат конфликтите со тепачка, но, зарем родителите не би требало да му посочат на детето дека тоа воопшто не е најдобриот начин да се решат конфликтите и дека, покрај тоа што може да го загрози здравјето на друго дете, може и самото да се повреди? Кој ли ги советува на ваквите сцени и испади на суровост кај сопственото дете да гледаат како на нормална појава? Многу често ваквите „невини“ испади и конфликти се претвораат во најсурови крвави сцени на кои може да им позавидат дури и најдобрите сценаристи и режисери на најкрвавите хорор филмови. Токму затоа, сè почесто имаме сцени на масовни училишни тепачки, сè до денот кога на некое татино, или мамино синче (секако, без оглед на тоа дали е, или не е дете со посебни потреби), нема да му текне да извади пиштол, или автомат, и да олади неколкумина во училиштето. А тогаш, веќе ќе биде доцна. Доцна за било каква реакција, или за поправање на работите. Ќе ни остане само да ја вмешаме политиката и да ги осудуваме државата, околината, другите нации, иноверните, наставниците и професорите, како најголеми виновници за таквиот немил настан.

Во едно основно училиште имаше дете кое ги имаше сите карактеристики на тешко психичко растројство. Детето постојано раскажуваше дека мајка му му ставала нож под грлото и го принудувала на секакви работи (говорам за дете во прво одделение). Таа, веќе беше во затвор заради некаков криминал. Детето беше екстремно насилно, го оставаше својот измет и уринираше насекаде каде ќе стигнеше, а другите дечиња ги тепаше ѕверски до крв и помодрување. Често ставаше стапче под грло на останатите деца, замислувајќи дека е нож. Тоа го правеше за да им се заканува и да ги заплаши, а не за да се игра (замислете дете од 7-8 години кое е способно да го прави тоа и ќе ви биде јасно). Колку беше поголем притисокот врз него за учењето, толку беше пораздразливо. Да не говорам дека наставниците повеќе губеа време да се објаснат со него, наместо да им предаваат на останатите ученици. Сите, заедно со директорот, со министерството и со другите надлежни служби, се обидуваа да замижат пред ваквите негови испади. Детето, на барање на родителите, беше префрлено во друго училиште пред да стаса во четврто одделение, но штетите останаа. Целото одделение назадуваше во учењето, а голем дел од тие триесетина деца останаа полуписмени и не научија да читаат и пишуваат како што треба (тоа го правеа ужасно слабо) дури и во VIII одделение. Патем, имаше и такви ученици кои беа над просекот, но учителките и наставниците едноставно не им посветуваа доволно внимание ― немаа време да се занимаваат со нив. Причинетата штета е двојна: ниту го научија на нешто посебно хендикепираното дете, а беа осакатени останатите триесет и нешто деца, останаа недоволно наобразовани, голем дел и полуписмени, во име на „виши цели“ и закони.

Ја разбирам желбата на родителите на ваквите деца, нивните дечиња да комуницираат со останатите во околината и да бидат рамо до рамо со своите другарчиња, но тоа никако не може да се случува на сила и под притисок, или без стручен надзор и контрола, бидејќи штетите ќе бидат двојно поголеми. Проблемот со децата со телесна попреченост и не е толку голем, тие бргу осознаваат, брзо учат и често се вклопуваат во околината без, или со далеку помали проблеми. Многумина од нив задивуваат со своите способности. Но проблемот станува огромен, кога се обидувате во истата таа околина која пати и од недостатоци кои се продукт на примитивниот менталитет, да вклопите дете со ментална попреченост. Треба многу повеќе од искажувањето, повеќе од слово на хартија, дека ваквите деца треба да учат заедно со другите. Потребен е многу поголем труд, вложување и залагање, за да се достигнат ваквите норми. Неопходна е работа со децата во одделенијата каде има вакви деца, но уште повеќе, со родителите. Ним е многу потешко да им се објасни целата состојба, бидејќи се веќе формирани личности со оформени стереотипи за случувањата и нештата околу нив, убедени дека осознале сè во животот. Вообичаено, нивните заблуди и вкалупени сознанија, влијаат и врз мислењето на нивните деца. Најчесто, тие се главниот фактор кој го оформува нивното мислење за околината со познатото: „Немој, тој е таков (или онаков)!“. Проблемот е особено уште поголем во услови кога државата делувала делумно и половично, па уште и донела законски обврски дека децата со посебни потреби треба да одат во училиште со другите, но е неспособна да обезбеди стручна служба и надзор за ваквата настава. Покрај сè, неопходно е да се вршат и континуирани истражувања и анализи од страна на стручни лица за да се осознае влијанието на ваквата одлука на државата врз децата со посебни потреби, но и врз децата без хендикеп, како и врз оние кои се со натпросечни способности.

2 comments:

  1. Алал нека ти е! Секој збор е на свое место, само... за кого се прашувам?

    ReplyDelete