Friday, November 4, 2011

ШТО ЌЕ ИМ ОСТАВИМЕ?




Што ќе им оставиме на нашите деца? Што ќе оставиме во наследство за идните генерации? Секојдневно слушаме и читаме за грабежи на банки, силувања, тепачки, убиства... Што е тоа што се случува во оваа земја? Дали е на повидок анархија, состојба во која законите важат за едните, но за другите (поеднаквите од еднаквите) никако? Како поинаку да се протолкува кога, покрај постојаниот евидентен криминал, ќе слушнете од власта, дека нема потреба од загриженост, или, пак, за превземање дополнителни акции и мерки за спречување на криминалот? Станува ли Македонија земја од минатото, налик на истата од ’20-тите години од минатиот век? Земја, во која владеел теророт, спроведуван од терористичката ВМРО и разните качаци!


За многумина можеби е и чудно ова што го наведувам, но во Бугарија постојат податоци за ваквите злодела на „најпатриотската“ псеудомакедонска организација. Тие се изнесени во годишниците, аналите, што ги издавала Бугарската држава за настаните од секоја измината година. Не ги поседувам, но сум ги читал и тие навистина постојат! Таму има податоци за секоја заклана жртва, за ликвидирани бугарски генерали, за меѓусобните убиства, како на „Врховистите“ со „Централистите“, „Централистите“ со „Врховистите“, но и меѓусебно, внатре, во двата табора - „Врховисти“ со „Врховисти“, „Централисти“ со „Централисти“. Двете страни, заглавени во кашата на Бугарската воено-разузнувачка служба! Но Хаосот ги надминал границите, па самите Бугари имале поголема штета, бидејќи пресметките се пренеле во Софија и другите бугарски градови, при што неретко гинеле жени и деца. Токму ваквиот хаос ќе стане причина за нивна забрана, најпрвин во март, 1923 година од страна на премиерот А. Стамболиски, по што тие активираат преврат и го убиваат во јуни истата година. Причината за ваквиот настан е „Нишкиот договор“, потпишан на 23 март, со кралот Александар Караѓорѓевиќ, при што станало и збор за обединување во Балканска Федерација, како и за превземање на мерки од страна на бугарската власт за зголемена контрола врз порозните граници кон Македонија и за спречување на наездата од бандите на ВМРО. Како последица од овој договор, неколку месеци подоцна, членови на ВМРО го киднапираат Александар Стамболиски од неговата фарма во Славовица, ѕверски го измачува, му ја сечат раката со која го потпишал договорот, а потоа го убива. Подоцна и самиот бугарски цар Борис III (во 1934) ќе донесе забрана, откако овие разјарени крволоци ќе излезат од секаква контрола, убивајќи се меѓусебно и сеејќи повторно смрт и анархија низ целата Бугарија, но особено крваво и ѕверски се однесувале кон населението во Вардарска Македонија, прогласувајќи ги сите Југословенски ориентирани граѓани за „Србомани“ и за „предавници“!

Токму ваква иднина ни се спрема повторно. Веќе се изразени поделбите на „патриоти“ и на „предавници“. Етикетирањето и откривањето на разни „Србомани“ „Гркофили“ „странски платеници“ „Комуњари - заслепени со намерно сервирано Словенство“ е тренд, кој можете да го почувствувате во секојдневниот разговор со ваквите „чувари на чистата мисла“. Самиот премиер со писмото во кое му се обраќа на членството, говори за „одлучувачки бој со предавниците“. Тоа го говореше и јавно, оцрнувајќи ги и именувајќи ги како предавници сите оние кои го критикуваат. Премиерот, претседателот, па и владеачката партија, се поистоветија со државата, па оттаму и секоја критика на нивното работење многумина го сметаат за антидржавно делување. Навредите и повиците за протерување, убиство и истребување на противниците на системот и на оние кои говорат против лудориите што ги прави власта се сè посилни и постои опасност тие да се претворат во отворен прогон на неистомислениците.. 


Доказ за влошените состојби се зголемениот број на убиства, силувања и грабежи како од најкрвавите криминалистички филмови. Убиството на полицаец во рибниот ресторан во скопската населба Аеродром, под крајно сомнителни околности, на иста маса со дилер на дрога и помошник-адвокат од една адвокатска канцеларија, остана затаено. Она што зачудува (а можеби и не треба да нè чуди) е фактот дека полицаецот бил член на личното обезбедување на премиерот. Член на обезбедувањето на директорот на УБК, кој „случајно“ е и братучед на премиерот, со мотор прегази старец на Партизанска. 

Тука е и ликвидацијата на две млади момчиња. Едното, малолетникот Мухамед Али Јашари, е убиено пред самиот главен влез од неговото училиште, крвнички претепан со бехатон плоча, пред очите на училишното обезбедување. Ова беше врв на повеќемесечните меѓусебни крвави пресметки на средношколците. Велат, напаѓачите слободно влегле во училишниот двор и со себе носеле дури и метални шипки, а обезбедувањето ― задоцнило. Сè уште не е одговорено на прашањето што правело училишното обезбедување во критичниот момент. Директорката на училиштето, наместо да остане во училиштето поред своите ученици, каде и’ е и местото при вакви ексцесни ситуации, отрча во Градското собрание на прес-конференција. Наместо да се појават во училиштето и изворно да се запознаат со настанот, министерот за образование и градоначалникот свикаа прес-конференција на која се обидуваа да ја разубават грдата слика на нашето живеење. Каков ужас! Плаќаме фирми за обезбедување, кои треба да ги заштитат нашите деца, а ги убиваат пред нивни очи! Што е со случките каде во основни училишта доаѓаат деца однадвор и ги тепаат учениците, а обезбедувањето се правда дека се „надлежни само за училишниот двор“?! Поради малите последици, модрици од тепањето и крвавења од носот, овие насилства најчесто остануваат премолчени и остануваат да тлеат како интерен проблем на училиштата. Надвор од нив, владее целосен молк.



 Мартин Нешковски, чија јавна егзекуција властите се обидоа да ја сокријат, беше крвнички претепан и убиен на плоштадот „Македонија“, при прослава на победата на неговата сопствена партија од членовите на обезбедувањето на премиерот. Деновиве, самиот процес е намерно доведен во ќорсокак, со изјава на обвинетиот дека не се пријавил доброволно, туку дека самиот отишол во МВР да разјасни што се случувало во таа кобна ноќ. Како во најдобрите филмови за Мафијата, или како во оние за делувањето на тајните организации ― се менуваат искази, се издаваат лекарски потврди за психички растројства, се врбуваат сведоци! Постои огромна контрадикторност во исказот на обвинетиот, дека не го тепал, туку дека тој самиот се сопнал и оној, дека не го познава, а сепак го приметил како се обидува да влезе во зградата на АРМ во периодот кога таму бил присутен премиерот. Клопкото го дозамрси изјавата на очевидец на настанот, кој тврди дека обвинетиот воопшто не е човекот кој го тепал момчето. Иако местото каде што е извршено злоделото е постојано снимано од камери, кои сигурно го забележале целиот настан и снимките од нив би го расветлиле целиот случај, МВР упорно ги крие. Самиот процес на истрага и обезбедување докази е извршен лаички, доказите на лице место се земени дури по два дена од случката, време за кое МВР криеше дека воопшто и се случило некакво убиство. Се крие ли вистинскиот виновник, или тоа е токму обвинетиот? Каде се другите соучесници, кои присуствувале на настанот? Велат, имало уште четворица околу телото на убиениот Мартин! Тие се исто така директни соучесници во криењето на случката, па со тоа се и можни сторители и соучесници во убиството на ова младо момче и треба да одговараат според законите на оваа земја! Индиректни соучесници во убиството се и самата министерка за внатрешни работи и тој што и’ наредил да го крие злосторот (бидејќи не верувам дека самоволно го сторила прикривањето), па против нив треба да се превземат соодветни мерки и да одговараат според законот!



По толку обиди да се забошоти целиот случај (останаа нерасветлени докрај и останатите), главното прашање кое се поставува е: што и кого крие и штити власта? Се работи ли за личности кои се од исклучително значење за државата и за нејзината безбедност, или поверојатно е дека некој случајно си ја има посрано кашата од која уживал да срка? Дали е во прашање убиство по нечија наредба, или зад целиот случај се крие уште поголема тајна? Можно ли е да живееме во земја, во која криминалните структури се длабоко навлезени во службите кои треба да нè штитат од криминал? Или, можеби, се работи само за случајно самоволие на поединци кои ги имаат со нешто „вржано“ и „задолжено“нашите владетели? Можно ли е да имаме привилегирани поединци за кои не важат законите и кои не им подлежат на нивните казнени одредби? Можеме ли да продолжиме да живееме во ваков хаос? Тоа ли ќе им го оставиме на нашите потомци?

No comments:

Post a Comment